Претседателот Џо Бајден се обрати во состојба на „фрустрација и огорченост “, кога ги спореди со „неандерталци“ гувернерите на повеќе држави кои ги укинаа рестриктивните мерки за носење маски.

Ова денеска на редовниот брифинг со новинарите го кажа портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, а во одбрана на вчерашната изјава на Бајден.

– Тој смета дека кога се изгубени животите на повеќе од половина милион Американци, кога семејствата страдаат, независно дали живеат во сина или црвена држава, императив е да се почитуваат препораките на државните здравствени експерти, изјави таа.

Псаки откри дека Бајден им се јавил на републиканските гувернери на Тексас и Мисисипи, Грег Абот и Тејт Ривс, и се обидел да ги убеди да ги вратат мерките за носење маски на уште неколку месеци, додека не се зајакне снабдувањето со вакцини.

– Неговите ставови за носење маски не се тајна. Тие сигурно се запознати со нив, тој (Бајден) зборуваше за тоа многу пати. И убедена сум дека кога повторно ќе зборува со нив тој ќе им го пренесе тоа директно, изјави таа.