Трет ден вицепремиерот Љупчо Николовски не одговара на новинарското прашање како ја замислува помошта од националните медиуми во борбата против корупцијата? Таа дилема се наметна по неговата изјава во емисија на една од националните телевизии дека очекувал поддршка бидејќи како што рече се финансирале од парите на граѓаните.

“Воопшто не ви е точна констатацијата дека има стагнација во државата и нема да се согласам дека има некакво алиби. Јас очекувам максимална поддршка, пред се од најодговорните националните телевизии кои добиваат финансиска поддршка” од граѓаните, рече Николовски во гостувањето во “Топ Тема” на Телевизија Телма.

ТВ Алфа побарала конкретен одговор уште пред три дена : дали ова значи дека медиумите треба да премолчуваат за скандалите и поразителните извештаи или пак да бидат уште погласни во критиките? Одговор до денеска нема. Прашањето е како Николовски ова го бара, кога последно, Фридом Хаус, Македонија ја вброи повторно во делумно слободни земји, корупцијата и натаму е нотирана како сериозен проблем, а во извештајот се зборува и за новинарите и политичките притисоци. “Корупцијата и натаму е сериозен проблем, има широко распространета неказнивост на корумпирани влаидни службеници, вклучително и членови на парламентот и судството. Новинарите и натаму се изложени на политички притисок и вознемирување и се уште има пријави за физички напади врз нив”, се вели во извештајот на Фридом Хаус.

Транспаренси Интернешнл пак ја рангираше Македонија на 111 место од 180 држави во светот според индексот на корупција. Според Николовски не пораснала корупцијата туку резултатите биле перцепција на граѓаните.