Поради влошување на епидемиолошката состојба со ковид кризата кај нас, Синодот изразува загриженост и препорачува времено, по примерот на другите европски земји, кои од истите причини веќе ги одложија закажаните пописи и нашата земја да го следи нивниот пример, почитувајќи ги здравствените протоколи, се вели во Соопштението на МПЦ ОА по оддржаната седница на Светиот архијерејски синод (САС).
Од МПЦ соопштија и дека имаат значајни забелешки во однос на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и на новата концепција за основното образование, коишто ќе бидат доставени до надлежните институции.
САС на МПЦ-ОА категорично се придружува во борбата за почитување на човечкиот живот, здравје и слобода, како и против дискриминацијата од секој можен вид, но истовремено инсистира на тоа дека секој обид за систематско ревидирање на вредностите и погледите кои произлегуваат од православното христијанство претставува чин на дискриминација, се наведува во соопштението од Синодот, кој вчера на својата редовна седница расправал за тековните црковни активности, а со посебно внимание, како што се посочува, за актуелните состојби, случувања и појави.
Од Синодот потсетуваат дека „државата е должна да обезбеди воспитание и образование во согласност со верското убедување на родителите, што значи и дека никој нема право да наметнува воспитание и образование на децата спротивно на верското убедување на нивните родители“. Во прилог на тоа, Синодот смета дека програмата на предметот „Етика во религиите“ безусловно треба да најде соодветно место во новата концепција во текот на целото основно образование.