Поранешниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, во врска со ова стратешко дипломатско место за кое е врзан последниот скандал со професорот Љубомир Фрчкоски – вели дека државата домаќин не е обврзана да образложи зошто не издава агреман за одреден предлог- амбасадор. Но тоа дефинитивно значи дека нешто не е во ред.

-Самата постапка за номинирање на амбасадор се одвива во една дискреција се додека истата не заврши без разлика дали еден кандидат од една држава ќе добие или не агреман за истата. Државата домаќин го има последниот збор и согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, таа не е обврзана да го образложи одбивањето да го прифати номинираниот кандидат од одредена држава - иако тоа на некој начин претставува сигнал дека истиот не е профатлив за државата домаќин. Државата што го испраќа може пред формалната номинација да направи неформални консултации со државата домаќин, особено кога се работи за поголемите центри на дипломатијата - со цел да се избегне ситуација кога државата домаќин нема да издаде агреман или пак ќе одлучи да помине подолго време за издавање на агреман. Се смета дека два месеци е доволен период за државата домаќин да издаде агреман, а ако тоа не се случи во тие два месеци, се смета дека нема ни да издаде. Ние не знаеме дали одреден предлог е испратен формално или не, имајќи предвид дека постапката дома се води преку една доверлива комуникација помеѓу институциите , вели Наумовски за Алфа.