Гладот ќе остане проблем и ќе има нееднакво опоравување од влијанијата на пандемијата Ковид-19, се додека повеќе жени во руралните и урбаните средини не заземат лидерски позиции со зголемена моќ за донесување одлуки, велат шефовите на трите агенциите за храна на Обединетите нации во пресрет на нивниот заеднички настан за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

– Светот е дом на повеќе од 1,1 милијарда девојчиња на возраст под 18 години, кои имаат потенцијал да станат најголемата генерација жени лидери, претприемачи и креатори на промени за подобра иднина. Сепак, жените и девојчињата продолжуваат да се соочуваат со постојани структурни ограничувања што ги спречуваат целосно да го развиваат својот потенцијал и ги попречуваат нивните напори за подобрување на нивните животи, како и нивните домаќинства и заедници, вели генералниот директор на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), Ку Донгју.

Жените и девојчињата, додава тој, можат да играат клучна улога во справување со последиците од пандемијата на Ковид-19 и особено во трансформацијата на нашите земјоделско-прехранбени системи. Сите треба да работиме заедно да овозможиме јакнење на жените и девојчињата, особено оние во руралните области.

Според Гилберт Ф. Хунгбо, претседател на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД), од суштинско значење е жените не само да бидат на повеќе лидерски позиции, туку и да бидат консултирани, сослушани и интегрирани во сите сфери и фази на одговорот на пандемијата и закрепнувањето од неа.

– Инвестирањето во водството на руралните жении нивно поголемо вклучување во создавањето на нашата иднина по Ковид-19, потенцира, е од клучно значење за да се земат предвид нивните перспективи и потреби, со што ќе можеме да изградиме подобри системи за храна со еднаков пристап до хранлива храна и пристојна егзистенција, вели Хунгбо.

Жените и девојчињата чинат половина од нашата глобална заедница и време е ова да се рефлектира во лидерските позиции на секое ниво, вели Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна (ВФП).

– Од нашата работа ширум светот знаеме дека кога жените и девојчињата имаат подобар пристап до информации, ресурси и економски можности и се слободни да донесуваат одлуки, стапките на глад паѓаат и исхраната се подобрува не само за нив, туку и за нивните семејства, заедници и држави, посочува Бисли.

Раководството на жените, посочуваат од ФАО, е особено важно во руралните области на земјите во развој, каде што, како што порачуваат, гласовите на 1,7 милијарди жени и девојки кои живеат таму често се занемаруваат.

– Шеесет проценти од жените во Јужна Азија и субсахарска Африка работат во земјоделство – сепак тие имаат помалку пристап до ресурси и услуги отколку мажите, вклучително земјиште, финансии, знаење, суровини и опрема. Покрај нивната земјоделска дејност, жените се преоптоварени со домашни работи и се грижат за своите семејства – улога која се зголеми за време на пандемијата КОВИД-19. Во исто време, жените се повеќе погодени од социјалните и економските влијанија на пандемијата КОВИД-19, вклучително загуба на егзистенција и намалени лични примања, велат од ФАО.

Обезбедување еднакво право на глас за жените, додаваат, не е прашање само на родова еднаквост.

– Жените лидери можат да се залагаат жените да имаат подобар пристап и контрола над средствата за работа и сировините, што ќе влијае на зголемување на нивната продуктивност и приходи, поголема сигурност на храната и зголемување на нивните можности за вработување и лични примања, нагласуваат од ФАО.

Истражувањата покажуваат дека доколку жените земјоделки би имале еднаков пристап до продуктивни ресурси како мажите, тие би можеле да ги зголемат приносите за 20 до 30 проценти и вкупното земјоделско производство за 2,5 до 4 проценти, со што ќе помогнат 100 до 150 милиони луѓе да се спасат од глад.

ФАО работи на зајакнување на ангажманот и лидерството на руралните жени во земјоделско-прехранбените системи. Во соработка со организациите на земјоделци, ФАО помага да се осигура дека се слуша гласот на руралните жени и промовира родово-трансформативни пристапи со кои ќе се елиминираат нефер социо-културните норми во руралните заедници. Покрај тоа, ФАО ги поддржува владите да усвојат политики и стратегии за решавање на потребите и аспирациите на руралните жени и девојки, овозможувајќи им да учествуваат во донесувањето одлуки и да заземаат лидерски позиции. Ова исто така подразбира зајакнување на лидерските вештини и самодоверба на жените и подигнување на родовата свест во рамките на националните и локалните институции.