Возете одговорно и возете женски е пораката што се испраќа на сите учесници во сообраќајот за Меѓународниот ден на жената, 8 март. Може да се каже дека и покрај тоа што во минатото зад воланот можеше почесто да се најде мажот, денес соодносот меѓу мажите и жените возачи е речиси идентичен.
– Денешното време, брзото време, обврските, мајчинството и сето она што го носи денот, жените ги прави рамноправни со мажите прво, а потоа и учеството во сообраќајот. Некаде можеме да кажеме дека околу 50:50 проценти е односот на учесници во сообраќај меѓу мажите и жените, вели Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот (РСБСП) за МИА.
Податоците покажуваат дека околу 80 проценти од вкупниот број сообраќајни инциденти и прекршоци, вклучително и починати и повредени, за жал, им припаѓаат на мажите.
Жените, според Андоновиќ, се многу повнимателни учесници во сообраќајот.
– Ако се земе природата на жената – таа е и мајка, таа е и сопруга, тие многу повеќе внимаваат, многу малку можете да сретнете енормно пречекорување на брзина на движење во град или вон град со возило со кое управува жена, наспроти мажот ако е нели секогаш тоа традиционалното, возат побрзо или возат под дејство на алкохол, вели Андоновиќ.
Статистиката покажува дека многу мал процент жени биле дел од трите најголеми животнозагрозувачки прекршоци во сообраќајот – возење под дејство на алкохол, пречекорена брзина и непочитување на правилата и прописите на сообраќајната сигнализација.
Тоа особено, како што вели Андоновиќ, се гледа во статистиката на Светската здравствена организација каде што од вкупниот број сообраќајки од ваков тип, 77 проценти учествуваат мажите, а многу малку жените.
– И младите момчиња кога ќе ги земете во однос на младите девојки кои тукушто земале возачка дозвола, огромна е разликата во бројот на прекршоци, повторно ќе кажам, момчињата многу побрзо возат и многу помалку ги почитуваат правилата и прописите, вели Андоновиќ.
РСБСП в четврток ја започнува кампањата за носење појас. Засега Ангоновиќ немаше прецизни бројки кои покажуваат колкав дел од мажите, а колкав од жените носат појас при возењето. Но, тој уште еднаш укажа на фактот дека жените се многу подисциплинирани и повнимателни управувачи на моторно возило во однос на мажите.
Пораката што тој ја упати е „возете одговорно, возете женски и внимавајте, бидејќи каков било инцидент никогаш нема да може да надомести загуба на мајка, сестра, пријателка“.