Пет дена ќе биде отворен повикот за пријавување стручни лица за подготовка на новите наставни програми согласно Концепцијата за основно образование, што беше објавен во петокот. Но, како што информира денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, во правилникот за подготовка на програми по барање на Бирото за развој во образованието, може да се активираат и дополнителни експерти кои не се пријавиле на повикот.

– Се уште не е поминат рокот за после да се направи анализа. Секако дека во правилникот за подготовка на програми по барање на Бирото може да се активираат и дополнителни, кои не се пријавиле на повикот, за да може да биде програмата што поквалитетна. Така што ќе следиме, ќе се направи пресек и посакувам што повеќе експерти да се вклучат во подготовка на овие програми заради тоа што тие се национален интерес, рече Царовска.

Доколку тука се вложи максимум, според Царовска, за 15 години ќе може да очекуваме подобар човечки потенцијал во државата.

– Значајно е да ги искористуваме сите потенцијали и капацитети што државата ги има, се со цел да имаме поквалитетно образование кое е за основа на се во државата, додаде Царовска.