Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи редовната 51-ва седница, на која меѓу другото, ќе се разгледаат препораките од состанокот на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација за спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19.
На предлог на Министерството за одбрана, како што соопшти владината прес-служба, на седницата ќе биде разгледана Информацијата за степенот на реализација на втората етапа на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 „Жени, мир и безбедност” на Советот за безбедност на Обединетите нации (2020-2025) – стратегиска рамка. Пред министрите, според дневниот ред ќе се најде и Предлог – програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино.
На седницата ќе биде разгледана и Информацијата за потребата од изготвување нова Стратегија на Република Македонија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со Акционен план за нејзино спроведување.
За донесените одлуки и заклучоци од седницата, која ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска и која ќе започне на пладне, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.