Доставени кандидатските листи за изборите во Албанија, полни со изненадувања

По објавувањето на листите од страна на самите партии, најголемо изненадување се кандидатите на владејачката Социјалистичка партија, кои се главно млади и непознати во политиката. Од „старите кадри“, од 12 изборни единици, прв на кандидатската листа за Фиер, е Ерион Браче, актуелен вицепремиер и министеркте Елвис Куши во Елбасан и Милва Кономи во Драч.

Лидерот на партијата и актуелен премиер Еди Рама се кандидира во две изборни едници, Валона и Драч, при што и на двете листи е на осмото место. Пандели Мајко, еден од клучните личности во партијата и актуелен министер за дијаспора е на листата за Тирана и тоа на 19-то место.

Меѓу кандидатите за пратеници во ИЕ Корча се најде и Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција,кој се наоѓа на 12-то место. МАЕИ всушност е единствена партија која е во коалиција со социјалистите.

Претходно Рама изјави дека е убеден во добивањето на третот мандат и оти „основната цел е 78 додека максималната 88 пратенички места“.

Коалицијата предводена од опозициската Демократска партија, исто така свои листи има во сите изборни единици. Во Тирана листата ја предводи демократскот лидер Љуљзим Баша, а од познатите имиња на оваа партија се и Бујар Лескај кој ја предводи листата за Валона, Еди Палока-Драч, Енкелед Алибеј-Фиер,како и Тритан Шеху за Ѓирокастро. Почесниот претседател на ДП, Сали Бериша (77) е на петтото место во Тирана.

Третата по големина партија, опозициското Движење за социјалистичка интеграција кандидатски листи има во пет ИЕ при што во три од нив прва на кандидатската листа е лидерката Моника Круемади, и тоа во изборните единици, Фиер, Елбасан и Тирана.

Кандидатски листи доставиле и повеќе помали партии и коалиции. Меѓу нив е и Социјалдемократската партија на Том Доши, кој е на т.н. црна листа на САД.

По доставувањето на листите, Централната изборна комисија треба да ги верификува, а од 25 март почнува изборната кампања.