Само во последните седум дена пиротехничарите од Дирекцијата за заштита и спасување имале осум интервенции на отстранување и уништување на убојни средства останатите на некогашните фронтови од Првата свестка војна, а скоро секојдневно се откриваат такви средства од страна на граѓаните, рече Ефтим Митров, раководител на пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување од денешната акција во Струмица за запознавање на граѓаните со опасностите од неексплодираните бомби и гранати.
Според него, најризични терени во државата се Струмичко-гевгелискиот и Битолскиот од некогашниот Солунски фронт.
– Просечно во овие два региона имаме секој втор ден интервенција. Еве, од последното уништување во јуни лани па до денес, во поединечни акции, имаме извадено над 450 неексплодирани различни средства, односно во просек сме имале по две до три парчиња на ден – посочува Митров.
Додава дека е интересно што и по повеќе од сто години од Првата светска војна секоја година расте бројот на откриените експлозивни средства.
– Тоа се должи на едуцираноста на граѓаните, кои се повеќе ги пријавуваат пронајдените неексплодирани средства. Се повеќе и повеќе се наоѓаат, а трендот на зголемување на откриените убојни средства ќе биде таков и во наредните 20 до 30 години и дури тогаш ќе почне да се намалува. Деведесет отсто од овие средтства се од Првата светска војна, некаде 8 до 9 отсто се од Втората, а многу малку се од воениот конфликт од 2001 година – објаснува Митров.
Иако овие средства се стари повеќе од еден век потполно се исправни и како што вели тој, чекаат жртви. Од нив најмногу страдаат неинформираните, односно децата и младите, бидејќи се љубопитни.
– Во такви ситуации граѓаните најпрво треба да знаат доколку наидат на средство кое личи на неексплодирано убојно средство, бомба или граната, да не го допираат. И да им е сомнително и да не личи на бомба, можеби станува збор за импровизирано средство, како што се касетните бомби. Никако не треба да ги допираат и треба да ја известат најблиската полициска станица, ЦУК или ДЗС по што ние постапуваме, односно ги отстрануваме или ги уништуваме на лице место – рече Ефтим Митров, раководител на пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување.
Според професорката на Факултетот за безбедност, Марина Малиш Саздовска, потребно е подигање на јавната свест за неексплодираните убојни средства.
– Акцијата ја почнавме во Битола на 11 минатиот месец и денес заедно со студентите од факултетот, ДЗС, полицијата и Црвен крст делиме флаери на граѓаните во Струмица. Идеата е тие да се запознаат што е можно подобро со постапувањето со овие средства. Овој проект наречен „Вектор“ финансиски е поддржан од НАТО СПС програмата и заедно го реализираме со Босна и Херцеговина, Грција и Велика Британија – рече професорката Малиш Саздовска.
Инаку, во октомври лани во Битола беа откриени над 15 илјади различни неексплодирани средства од Првата светска војна, кои се уништуваа до почетокот на март на воениот полигон Криволак.