Апелите на здравствените работници кои денеска ја стартуваа вакцинацијата со руската „Спутник“ се доволна порака до властите дека вакцини очајно им се потребини – пред се ним, но и на граѓаните. -Не биравме која вакцина, битно беше да се вакцинираме бидејќи ковидот во Прилеп е во експанзија, има доста заболени, вели за Алфа Ивица Мијалков, болничар во Општа болница Прилеп.
-Одлучивме сите од инфективното одделение да ја примиме вакцината заради безбедност и ќе дојдеме повторно сите за ревакцинација, рече медицинската сестра Горица Ражаникоска.
- Заради моја безбедност, заради безбедноста на моето семејство и секако поради работата како болничар, вели Рамазан Арсланоски.
3000 дози на „Спутник В“ ќе се аплицираат само во Поликлиниката Јане Сандански.
-Компликации како и сите останати вакцини локална осетливост и болка на местото на апликација, можеби покачена телесна температура. Разликата меѓу Фајзер и Спутник е тоа што со руската треба да се обрне внимание на бремени жени и доилки, вели доктор Соња Ралева од Поликлиниката „Јане Сандански“.
Во денот кога јавноста дозна за скандалот со набавката на вакцините што го објави италијанскиот весник „Лаверита“, власта доби уште една сериозна порака од здравствените работници: не е важна вакцината, дајте ни да се вакцинираме! Со други зборови „обезбедете ни вакцини!“