Во акција на повеќе сектори на грчката полиција, рано утрово беше испразнет Ректоратот на Универзитетот „Аристотел“ во Солун што беше под опсада и беа приведени 33 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштуваат дека од приведените лица еден е кипарски државјанин, 19 рекле дека се студенти на солунскиот универзитет, а останатите 14 не се поврзани со конкретниот универзитет.
Паралелно, објавија видео и фотографии од акцијата.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека според полицијата, лицата кои го држеле Ректоратот под опсада имале пано што покажува дека опсадата била поврзана со Димитрис Куфодинас, осудениот затвореник што штрајкува со глад и еден од лидерите на терористичката организација „17 ноември“ .