Со стапувањето во сила на новата одлука за забрана за движење населението и возила од јавен превоз од 22 до 5 часот наредниот ден, инспекциските служби при засилените контроли и надзори на терен извршиле 724 контроли и надзори, а еден угостителски објект бил затворен.
Во текот на вчерашниот ден согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето и Здравствените КОВИД-протоколи во повеќе градови биле извршени вкупно 41 надзор и 683 контроли во угостителски објекти.
– При тоа, во Тетово на лице место е затворен еден угостителски објект, поради прекршување на протокол, односно организирање на роденденска забава. Објектот е затворен 30 дена и ќе се поведе прекршочна постапка согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Поединечно по градови, најмногу контроли и надзори се извршени во Скопје вкупно 126, во Битола, Гостивар, Тетово, Охрид, Струмица и во останатите градови во државата, стои во соопштението од Влада.
Додаваат дека инспекциските служби спроведуваат интензивни контроли и надзори на терен во делот на почитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и здравствените протоколи, секој во рамки на своите надлежности од самиот почеток на пандемијата.