Додека Република Македонија два дена по ред ја тресе аферата за набавката на кинеските вакцини објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“, на помош на македонските власти излезе и бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов кој речиси секогаш кога е потребен дефокус на јавноста излегува во пресрет со некоја антимакедонска изјава, на која власта речиси никогаш и да не реагира.
Па така, во кулминацијата на аферата кинески вакцини, Каракачанов излезе со статус дека пронашол македонски политичари кои биле регистрирани во избирачкиот список на Бугарија и кои имале право на глас, односно имале бугарски државјанства.
- Меѓу случајните имиња на кои наидов се, на пример: Александар Николоски – заведен во областа Средец – Софија, Антонио Милошоски – заведен во областа Вазараждане – Софија, Никола Мицевски – во Ќустендил, Стефан Андоновски – во Ќустендил, Марија Андоновска – Благоевград, Љупчо Димовски – Ќустендил, Бојан Стојановски – Благоевград, Иван Јорданов – Ќустендил, Игор Здравковски – Ќустендил, Марија Петрушевска – Средец, Дајанчо Ефтимов – Благоевград, Здравко Трајанов – Благоевград, Александар Пандов – Средец, Петар Богојески – Обориште, Филип Петровски – Средец, Стевица Јанева – Петрич и Тало Груевски – Благоевград. Има многу други, но секој што сака може да провери за себе и за кое било друго лице, без оглед дали е од Македонија или не. Секој може сам да провери кои се лицата за кои станува збор“, напиша Каракачанов.
Меѓутоа, со едноставна проверка на јавно достапните податоци од Државниот завод за статистика може да се види дека на пример во Република Македонија има 2305 лица кои го носат презимето Николоски, 1162 лица се презиваат Мицевски, а дури 7705 лица се презиваат Стојановски. Во регистарот на население 1072 лица има кои се презиваат Андоновски, 1098 лица кои се презиваат Јорданов и 872 лица кои се презиваат Здравковски. Презимето Милошоски пак го носат 88 лица.
Со оглед на тоа што имињата на наведените лица се доста присутни во Република Македонија како на пример Александар, Стефан, Никола, Бојан, Иван, Игор .... и имајќи предвид дека Каракачанов ретерираше и истакна дека тој не посочил пратеници од Македонското собрание, станува очигледно дека манипулацијата од негова страна е во само во интерес на дефокус на јавноста од аферата со кинеските вакцини.