Кацигата станува задолжителна за возачите на електрични тротинети, согласно законот што синоќа беше изгласан во грчкиот Парламент со кој се воведуваат правила и прописи за т.н. „лесни лични електрични возила“, односно оние кои не се дел Законикот за патнички сообраќај, а ги вклучуваат ролерите, скејтбордите, електричните тротинети и средствата слични на нив, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во рамките на предлозите на опозициските партии, но и на надлежните, ќе направиме важна промена: наместо препорака, задолжителна е употребата на кациги за возачите на лесни лични електрични возила, со исклучок на возачите на електричните инвалидски колички за лицата со посебни потреби, рече заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција Јанис Кефалојанис за време на расправата во Парламентот, соопштувајќи ги измените.

„Лесните лични електрични возила“ се поделени во категории, зависно од брзината што може да ја достигнат.

Оние со максимална брзина од шест километри на час се во иста категорија со пешаците и може да се движат слободно во пешачките зони.

Доколку просечната брзина што може да ја достигне средството е од 6 до 25 километри на час, се сметаат за велосипеди и се водат според истите правила предвидени со законот за движење на велосипедите.