Претседателот на српското собрание, Ивица Дачиќ, изјави дека прислушувањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со „логистиката на системот”, претставува државен удар и уривање на уставниот поредок, јави дописникот на МИА од Белград.
-Разводнување на случајот би било амнестија од тоа. Не е можно повеќе од 1.500 прислушувани телефони да бидат случајни. Системот мораше да го предупреди Вучиќ за тоа, изјави Дачиќ на ТВ Хепи, наведувајќи дека треба да се утврди кој одлучувал за прислушувањето.
Според него, деновиве некои политичари и јавни личности се обидуваат да го релативизираат случајот, тврдејќи дека Вучиќ не бил прислушуван.
На прашањето за криминалната група на Вељко Беливук, Дачиќ кажа дека случајот мора да се испита до крај, односно до каде се протегале нивните врски.
Како што рече, мафијата секогаш бара логистика од оние од кои зависи, а „не ја бараат кај управителот на Националната библиотека”.
-Еден дел од системот секогаш може да помисли – дека тие се постојани, а дека претседателите и премиерите се минливи, кажа Дачиќ.