Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на онлајн „Економскиот форум во Тирана“ изјави дека Европската унија е стратешки приоритет и фокус на Србија, која сака што е можно побрзо да стане членка на ЕУ.
Брнабиќ напомена дека процесот на европска интеграција од кога е започнат понекогаш е многу тежок и фрустрирачки, но дека тоа е единствениот пат.
-ЕУ и семејството на европските нации е нашиот дом, на кој му припаѓаме географски, политички и економски и затоа продолжуваме со реформите, потенцираше Ана Брнабиќ.
Таа кажа дека останува членките на ЕУ и самата Унија да одлучат кога Србија ќе стане членка и да целта на Србија е што е можно поскоро да ги реформира јавната администрација, економијата и да воспостави владеење на правото.
-Искрено ја цениме целата поддршка што доаѓа од делегациите на ЕК и ЕУ во Србија и членките на ЕУ во овој реформски процес, бидејќи тоа ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните, што е и суштина, кажа Брнабиќ.
Таа му се заблагодари на еврокомесарот Оливер Вархеји за поддршката за проширувањето и споделувањето ентузијазам за прием на нови членки заедно со Србија и земјите од регионот во овие тешки моменти.
Брнабиќ додаде дека, сепак, и се чини дека во некои земји-членки на ЕУ во текот на 2020 година и оваа година немало многу расположение за проширувањето, но дека тоа е разбирливо заради пандемијата на ковид 19 и други приоритети.
-Мора да го искористиме ова време да се фокусираме повеќе на реформите, истакна Брнабиќ, додавајќи дека треба да се оди уште повеќе кон регионалните интеграции, посочувајќи да преку поврзувањето земјите од регионот ќе го направат Западен Балкан посилен и ќе придонесат сите заедно да одат побрзо кон ЕУ.
Во врска со вакцинацијата, и како Србија е толку успешна во тој процес, Брнабиќ изјави дека досега се вакцинирани 20% од возрасната популација во Србија, додека околу 680.000 луѓе ја примиле втората доза и дека вакцинацијата се одвива со иста сила на секојдневно, истакнувајќи дека многу ја цени помошта и поддршката на ЕУ и додаде дека ги разбира сите предизвици со кои се соочува ЕУ, како еден голем и сложен механизам, иако понекогаш малку побавно реагира на почетокот.
-Сигурна сум дека сите партнери на ЕУ на Западен Балкан ќе добијат дополнителна помош од ЕУ, со нетрпение го очекуваме тоа, бидејќи тоа ќе биде многу корисно, кажа Брнабиќ.
Таа посочи дека успешниот процес на вакцинирање е резултат на успешните реформи што ги презеде Србија на нејзиниот пат кон ЕУ.
-Јавната администрација е реформирана, воведовме е-управа, инсистиравме на дигитализација, на транспарентност, на ефикасност на јавната администрација. Сите овие реформи ни дадоа силен поттик без кој не би можеле да спроведеме таква масовна успешна кампања за вакцинација, изјави Брнабиќ.
На онлајн „Економскиот форум во Тирана“ учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, премиерите на Северна Македонија и Црна Гора Зоран Заев и Здравко Кривокапиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.