Тампере во Финска, Крижевци во Хрватска и неколку општини во Јужна Италија (Палма Кампанија, Сан Џузепе Везувијано, Стриано) се примерите од кои може да се учи што е енергетска демократија. Како до справување со климатската криза и до поквалитетен живот за граѓаните преку нивно ефективно ангажирање во демократски процеси, покажуваат овие успешни приказни.
Во статитијата што ја изготви Џеј Ди Фаруџиа, проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата, стои дека посочените примери добиваат одлични резултати во однос на справувањето со климатската криза и енергетската сиромаштија, преку ремоделирање на нивните енергетски системи кон енергетската демократија.
-Обновливата енергија е од витално значење бидејќи светот мора да се движи кон елиминирање на согорувањето на фосилни горива и намалување на емисиите на стакленички гасови на ниво што е можно поблиску до нула. Но, заменувањето на големите енергетски системи засновани на фосилни горива со големи системи за обновлива енергија може да значи дека повторно ги создаваме оние општествени неправди и предизвици со кои се соочуваме при моменталниот систем. Наместо тоа, можеме да се фокусираме кон енергетската демократија: јавно сопствеништво и демократско управување на енергетски системи кои работат во интерес на заедниците на кои им служат, наместо да создаваат профит за мал број на акционери, наведува Фаруџиа.
Тампере брои 235.000 жители и е трет по големина град во Финска. Има многу малку сончева светлина и достигнува температури под нулата. Поради овие причини, јавното осветлување и греењето се од најголема важност за жителите на Тампере. Преку EcoFellows, Агенцијата за енергетика и одржливост во Тампере, градот станува првенец во енергетска транзиција бидејќи има за цел да постигне јаглеродна неутралност до 2030 година и веќе го има претставено општинскиот план за намалување на емисиите до 80 отсто. Агенцијата е во процес на формирање модел за кооперативна сопственост и управување на биогасни задруги за да се произведе енергија преку храна и земјоделски нуспроизводи. Локалните земјоделци и граѓани ќе бидат вклучени во снабдувањето со нуспроизводи и демократски ќе го контролираат начинот на управување на биогасните централи.
-Бидејќи градот бара многу светлина и греење, намалувањето на емисиите на јаглерод е предизвик, но EcoFellows работи на поврзување на повеќето згради со мрежата за централно греење и ладење и има инвестирано во обновлива енергија за да го постигне ова. Исто така, постои голем притисок за градење на поефикасни згради од аспект на трошење на енергија. Поради ова, од сопствениците на зградите се бара да достават планови за реновирање на истите во следните 5 години. Тие добиваат поддршка преку локалната служба за енергетски совети (RANE) и веќе имаат успеано да ја зголемат својата енергетска ефикасност до 30 проценти, пишува Фаруџиа.
Општините Палма Кампанија, Сан Џузепе Везувијано и Стриано во Јужна Италија, пак, го развија заедничкиот стратешки план за акција за одржлива енергија и клима во 2030 година (ПАЕСК Везувијано), вкоренет во енергетската ефикасност и прилагодувањето на климатските промени со вистинско вклучување на граѓаните во сржта на овие процеси. Тие се во процес на поставување енергетски заедници за справување со енергетската сиромаштија во областа преку локално генерирана обновлива енергија. Граѓаните, жителите, претставниците на претпријатијата и индустријата, болниците, трговските центри и јавните згради ќе имаат можност да произведуваат и управуваат со сопствената обновлива енергија. Тие можат да ја користат за себе, да ја продаваат на енергетската мрежа во земјата или да ја складираат за понатамошна употреба. Ова ќе обезбеди поголема енергетска безбедност и пониски трошоци и, се разбира, многу помалку емисии на стакленички гасови.
Крижевци со население од околу 21.000 жители е првиот хрватски град кој успешно има финансирано граѓански проект за обновлива енергија, соларна централа која беше инаугурирана во 2018 година. Нејзиниот капацитет од 50 киловати ќе заштеди околу 55 тони СО2 секоја година и ќе се користи за напојување на локален деловен центар, како и за напојување електрична енергија во општинската мрежа.
-Ова е проект што беше почнат од енергетската задруга Зелена Енергетска Задруга (ЗЕЗ), кој заедно со општинската администрација на Крижевци, одржа сесии за јавно информирање и го промовираа проектот со цел да добијат соодветна поддршка од граѓаните. По само десет дена, граѓаните заеднички ја собраа потребната инвестиција од 30 000 евра заем, за да се реализира проектот. Електраната ќе биде во целосна сопственост на општината за само десет години. Крижевци исто така беше многу активен во справувањето со својот проблем со енергетска сиромаштија. Во 2016 година, почна пилот проект преку кој обучи 13 невработени жители како енергетски советници кои потоа беа во можност да им помогнат на домаќинствата кои се борат со енергетска сиромаштија. Тие беа снабдени со опрема како што се ЛЕД-сијалици, направи за добро затворање на прозорците, совети и начини за заштедување вода и совети за заштеда на енергија. 508 домаќинства што беа посетени и советувани, заштедија околу 70 евра годишно, што исто така значеше 16 519 тони намалување на емисиите на СО2 секоја година, наведува Фаруџиа.