- До небо извинување пред се кон Италија, кои што се наши големи партнери и пријатели, уште еднаш извинување до ромската заедница, рече Драги Рашковски на 02.07.2019 година, во улога на генерален секретар на Владата. Вака некако и се заташка тогаш случајот познат во јавноста како „Леонардо“ кога беа објавени аудио материјали, во кои се слуша како Рашковски договара тендер за набавка на радарска опрема за М-НАВ.

За овој случај Обвинителството отвори предмет, но на крајот обвинение немаше, одлуката беше дека немало основа за негово гонење. Сега пак, откако изби скандалот за набавка на софтвер во МВР, кој воопшто не се користи, обвинителството повторно е на потег - ама нема да преземе ништо. Нема намера да отвори случај по допрен глас, туку ќе чека некој да го пријави Рашковски.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со внимание ги следи информациите објавени по медиумите, при што очекуваме надлежните институции до обвинителството да достават свои наоди за евентуални сторени кривични дела. Обвинителството согласно своите надлежности ќе ги даде неопходните насоки, упатства и наредби на институциите во чија надлежност е откривањето на овој вид на криминал. Доколку овие институции утврдат елементи на кривично дело,​ обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги гони сторителите, велат од ОЈО.

Во одбрана на Рашковски до овој момент стои само Заев.

-Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој што може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Постои писмена комуникација меѓу двете институции, Генерален секретаријат и МВР. Спроведен е тендер со проектирано 8 милиони денари, падната е цената на некои пет милиони денари поради наддавањето. Ако не го користат, можеби во иднина ќе го користат, јас стварно не ги знам деталите оставам на службите, изјави Заев.

И за случајот „Леонардо“ Заев беше поддршка:

-Не можете некого да го правите салата кога сакате и како сакате како физичко лице. Владата нема да поднесе тужби, наша работа не е да се тужиме со новинарите и со медиумите, но секоја индивидува како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството, изјави Заев на 02.07.2019 година.

Драги Рашковски зад себе го има скандалот со набавката на хеликоптерите за прва помош, проект кој се уште не е завршен. Но и за него од надлежните молк.