Претприемништвото е еден од осумте национални стандарди, воспосатвени со новата Концепција за основно образование, со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат основците, односно учениците ќе треба да поседуваат одредени познавања и вештини од областа на претприемништвото во моментот кога ќе излезат од деветтолетката, истакна министерката Мила Царовса денеска на завршниот настан за прогласување на победниците во рамки на Кампот на иновации – ученички натпревар по претприемачки вештини кој веќе неколку години го организира „Џуниор ачивмент”.
Како што информира МОН, министерката посочи дека развојот на претприемачките вештини кај младите луѓе ќе продолжи да биде еден од приоритетите на образовните политики кои ги креира Министерството за образование и наука и кои ќе се имплементираат во претстојниот период.
Според неа, интенцијата е да има што повеќе ученици како оние на овој натпревар и кои покажуваат исклучително голем интерес кон претприемништвото, препознавајќи ја моќта на претприемничките вештини за личен успех и просперитет. Таа додаде дека се работи за вештини кои се препознатливи и многу вреднувани на пазарот на трудот.
– Денес преку 100-ина ученици се во исчекување да го слушнат своето име меѓу победниците на овој виртуелен натпревар. Јас ќе речам дека сите сте вие победници, со самото тоа што сте изразиле желба да го покажете своето знаење и сте се пријавиле даучествувате на ова големо натпреварување. Вие сте пример кој како институционални раководители многу го цениме, затоа што во вас ја гледаме иднината на државата и токму затоа работиме во насока да изградиме што повеќе вакви деца и што повеќе вакви примери за луѓе кои во раната младост, уште во тинејџерските денови, го стекнале она што е неопходно за да се успее по формализација на процесот на образование, рече Царовска, посакувајќи им успех на сите учесници на натпреварот и советувајќи ги стекнатото знаење да продолжат да го надградуваат, но и да го преточат во идеја и акција.
Царовска му се заблагодари на менаџментот на „Џуниор ачивмент” што со организирањето на овој натпревар даваат придонес кон развојот на претприемничкото образование во земјата и, како што рече, очекува и во следните години организацијата да продолжи да учествува во подготовката на младите и развојот на нивните претприемачки вештини.
– На прогласувањето на победниците на натпреварот, кој поради пандемијата оваа година се одржа по виртуелен пат, се обратија и Љупка Панчевска, директорка на „Џуниор ачивмент” во Северна Македонија, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз и Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, информира МОН.