Фондацијата „Фридрих Еберт“ спроведе сеопфатно национално истражување и објави Студија за жените во Република Македонија 2020/2021 со цел да ја измери, опише и објасни позиционираноста на женската популација од сите етнички заедници во однос на општеството, семејството, вредностите, образованието, вработувањето, политиката, безбедноста и грижата за здравјето.

– Студијата дава еден сеопфатен преглед и анализа на најбитните податоци и претставува интердисциплинарна студија чијашто примарна цел е да понуди основа за натамошни толкувања и анализи. Резултатите укажуваат на низа постоечки предизвици со коишто треба да се справат сите чинители во општеството, со цел да се подобри индивидуалната и општествената добросостојба: од креаторите на политиките, носителите на одлуки, како и сите граѓани, жени и мажи во нашето општество, вели Ева Елерајт од „Фридрих Еберт“.

Според проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, согласно анализите студијата опфаќа различни биолошки, физички и социјални детерминанти на женското здравје.

-Најголем дел од товарот со болести кај жените во Македонија припаѓа на болести на срцето и крвните садови но загрижува и непознавањето на методите за рано откривање на малигните болести како и лошите стилови на исхрана и физичка активност. Потребни се сериозни промени во системот на следење и промоција на женското здравје, но и во пристапот и квалитетот на здравствените услуги на жената, посочува Ѓорѓев.

Нита Старова од „Фридрих Еберт“ вели дека резултатите од студијата укажуваат на ниско ниво на политичка партиципација, генерална незаинтересираност, па оттука и неинформираност за политика кај женската популација во земјата, што веројатно се должи на комбинација од фактори и случувања на политичката сцена во изминатите години.

– Иако во голем процент го искористуваат своето гласачко право, жените сепак го рефлектираат глобалниот тренд на зголемена недоверба во политиката. Потребно е да се создадат услови за поголема вклученост на жените во политиката на раководни позиции и функции, како на локално, така и на национално ниво. Носителите на одлуки, но и пошироката јавност треба да се информираат за придобивките од поголемата вклученост на жените во процесите на носење на одлуки, појаснува Старова.

Во дел од студијата интересот е насочен кон положбата на жената во работните организации, напредувањето во кариерата и напредувањето на менаџерските позиции, како и општи ставови за вработувањето, барање работа и самовработување.

Според проф. д-р Мирјана Борота Поповска, се потврди дека дискриминацијата врз основа на полот е непрепозната како од околината, но и од жените и дека жените во светот на работата имаат понеповолна позиција за разлика од мажите во однос на: заработката, оценувањето на нивната компетентност, поддршката од менаџментот, напредување во кариерата, добивање работа.

-Демотивирани се да започнат сопствен бизнис но од други причини, односно најмногу поради немање познавања на пазарот и пазарните прилики како и немање знаење, вештини и способности за водење бизнис, додава Поповска.

Според неа, образовниот систем во однос на улогата на жената често форсира стереотипи за улогата на жената во општеството, најдоминантни се: „жената е таа која треба да се грижи за домот и децата“ , „биди убава и атрактивна“, „не менувај партнери“, „омажи се и имај деца наспроти кариера“, „мажот треба да има/заработува повеќе од жената“.

Во однос на образованието жените имаат позитивен став, највисока согласност имло за ставот: „образованието на жената е важно за нејзината иднина и подобар живот“.

Проф. д-р Марија Топузовска-Латковиќ посочува дека според анализата на податоците, на генерално ниво, на жените во македонското општество најприоритетни им се вредностите поврзани со сигурност/независност (да живеат во безбедна и перспективна земја, да имаат сопствено место за живеење и сигурна работа), како и почитување на традицијата (формирање на семејство, прифаќање и исполнување на барањата/очекувањата на религијата).

– Иако жените го носат најголемиот товар за грижа на децата и одржување на домаќинството, тие во висока мера го оценуваат степенот на родовата еднаквост како добар, а поделбата на обврските ја сметаат за фер, односно праведна, што укажува дека жените или ја прифаќаат традиционалната/патријархална поделба на улогите како нормална, или пак, дека не се доволно запознати со концептите за родова еднаквост и рамноправност. Секако, мора да се напомене дека се евидентирани статистички значајни разлики и асоцијации според возраст, степен на образование, етничка припадност и место на живеење, вели Топузовска-Латковиќ.

Министерката за образование и наука Мила Царовска потенцира дека со новата концепција на образованието во земјава ќе се градат и негуваат европските вредности.

– Уште од најмала возраст има родова нерамноправност. Тоа го увидовме во основното образование во кое постојат стереотипи и дискриминација, родова нерамноправност директно во учебници. Новата концепција е градена на европски постулати, да има родова рамноправност, инклузивност, недискриминација. Се повлекуваат дел од учебниците, може да се каже дека воведовме филтри преку експерти за човекови права за да не се случуваат вакви пропусти во иднина, а со тоа ќе ја покренеме свеста уште од мали нозе преку образовниот систем, наведува Царовска.