Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека седницата на Кризниот штаб за борба против пандемијата на коронавирусот ќе се одржи во вторник, но дека таа веќе денес ќе разговара со членовите на тоа тело за можните мерки против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.

– Утре ќе се одржи седница на Кризниот штаб. Вчера попладне разговарав со медицинскиот дел на Кризниот штаб и денеска брзам за Белград, уште еднаш да разговарам со лекарите, кажа Брнабиќ.

Таа додаде дека во разговорот со нив ќе бидат разгледани можностите и дека потоа ќе бидат донесени мерки за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.

Претходно РТС објави дека Владата на Србија денеска ќе донесе нови мерки кои беа договорени за време на консултациите со медицинскиот дел на Кризниот штаб за борба против коронавирусот.

Во Србија за време на викендот не беше воведен полициски час, како што бараше медицинскиот дела од Кризниот штаб, но беа затворени угостителските и трговските објекти, а од денес тие работат до 20 часот.