Кабинетот на вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи денеска демантира дека таа го потпишала указот за отворање на косовската амбасада во Израел во градот Ерусалим, јави дописникот на МИА од Приштина.
Советникот на Османи, Беким Купина, од името на Канцеларијата на претседателот на државата, соопшти дека декретот за отворање дипломатско претставништво во градот кој засега, покрај Косово, уште само САД и Гватемала го признаваат за престолнина на Израел, го потпишал поранешниот шеф на косовската држава, Хашим Тачи.
Според Купина, Тачи го потпишал указот на 27 октомври минатата година, што е само 11 дена пред да поднесе оставка на функијата (на 7 ноември), откако беше потврдено обвинението против него од Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово во 1998-99 година.
– Појаснување за медиумите: Отворањето на Амбасадата на Косово во Израел не е извршено со декрет на в.д. претседателката Вјоса Османи, туку со декрет на поранешниот претедател Тачи. Декретот број 155/2020, со датум 27 октомври 2020 за отворањето на таа Амбасада, е потпишан од поранешниот претседател Хашим Тачи, на барање на Министерството за надворешни работи. Значи, декретот за отворање на таа Амбасада е донесен пред Вјоса Османи да стане в.д. претседател, напиша Купина.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово вчера соопшти дека косовската амбасада во Ерусалим е официјално отворена, согласно договорот за меѓусебно признавање со Израел, постигнат во Вашингтон на 4 септември минатата година.
На одлуката на официјална Приштина за отворање дипломатско претставништво во Ерусалим, односно за признавање на тој град за престолнина на еврејската држава, се спротивставија Арапската лига, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и официјален Брисел. Денеска имаше реакции и од палестинската партија Хамас, како и од амбасадорот на Палестина во Белград, Мохамед Набхан.
Согласно вашингтонскиот договор со Србија, постинат со посредство на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, Израел ја призна независноста на Косово, а за возврат Приштина прифати да ја отвори својата амбасада во Ерусалим. На тој начин Косово стана првата земја со мнозинско муслиманско население која отвора амбасада во тој град.