Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави во Белград дека Србија и Унгарија не дозволија да се политизира прашањето за вакцинација, јави дописникот на МИА од Белград.

-Не прифативме наместо нашите експерти да одлучува некој што е далеку и кој не ги знае нашите услови, изјави Сијарто пред новинарите по состанокот со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ.

Тој додаде дека доколку „не набавиле вакцини од исток, од Кина и Русија, многу помал број луѓе би биле вакцинирани за кратко време, а со тоа и помалку луѓе би се спасиле.“

Тој додаде дека Унгарија учествува во подготвителните разговори на ЕУ за т.н. ковид пасоши, предвидени само за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).

-Мислам дека тоа не може да биде дискриминирачки пасош и дека мора да ги почитува регулативите на ЕУ. Ние не прифаќаме во однос на ковид пасошите да се прифаќаат само вакцините одобрени од ЕМА, туку во иднина прифаќање и вакцините одобрени на национално ниво, изјави Сијарто.

Според него вакцината на „АстраЗенека“ се уште се користи во Унгарија и не е политичко прашање дали некоја вакцина да се користи, туку тоа го проценуваат експерти.

Во однос на соработката меѓу Унгарија и Србија, Сијарто ја истакна важноста на соработката по прашањето на гасоводот.

-Во Унгарија, тоа значи сериозна диверзификација на снабдувањето, бидејќи до октомври ќе успееме да завршиме 15 километри, колку треба да го поврземе нашиот систем со системот од Србија, и на тој начин ќе се поврземе со Јужниот тек, додаде тој.

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, ги издвои заедничките проекти на двете земји и посочи дека брзата железница Белград-Будимпешта се гради забрзано, чија прва делница од Белград до Нови Сад ќе биде готова до крајот на следната година.

-Тука е и проектот за дополнително гасно поврзување и во текот на оваа година Унгарија преку она што се нарекува Балкански или Турски тек ќе може да добие до шест милијарди кубика метри гас годишно, што е исклучително важно и за Србија и за Унгарија, изјави тој.