Постигнатите резултати и идните планирани активности во рамките на ИПА проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ – ИПА 2019 беа во фокусот на денешниот работен состанок на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски со претставници на делегацијата од Италијанската Република, предводени од амбасадорот Андреа Силвестри и проектниот лидер Карло Вердиглионе од италијанското Министерство за внатрешни работи.
Амбасадорот на Италијанската Република Силвестри, како што соопшти МВР, ја истакна одличната соработка помеѓу Република Македонија и Италијанската Република во областа на безбедноста, со акцент на важноста на владеењето на правото во насока на приближување на земјата во процесот за приклучување кон Европската Унија.
Во рамки на состанокот, проектниот лидер Карло Вердиглионе ги презентирал целите и резултатите кои произлегуваат од овој проект, како и важноста што во оваа трета фаза на имплементација ја има овој регионален ИПА проект.
Покрај стратешкото ниво, посочуваат од МВР, целите на проектот ќе бидат спроведени и на оперативно ниво, со посебен акцент на зајакнување на истражните капацитети на институциите со надлежности во делот на борбата против организираниот криминал.
– Во наредниот период проектот ќе се фокусира на заедничката соработка и вклученоста во регионалните иницијативи и организации, кои како главна цел ја имаат борбата против организираниот криминал и владеењето на правото на регионално и меѓународно ниво, наведуваат од МВР.
Министерот Спасовски изразил задоволство од постигантите резултатите во рамки на претходните две фази на овој регионален ИПА проект, истакнувајќи ја одличната соработка што ја имаат претставниците на Министерството со своите италијански колеги, во рамките на третата фаза од проектот.
Од страна на Спасовски било дадено уверување дека сите капацитети на Министерството ќе бидат ставени во функција на успешно реализирање на проектните активности во насока на остварување на предвидените цели, изразувајќи надеж дека зајакнувањето на оперативната соработка ќе придонесе за менување на перцепцијата во борбата против организираниот криминал на земјите од регионот, аспиранти за интеграција во Европската Унија.
На состанокот биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и континуираната поддршка што Италијанската Република ѝ ја дава на Република Македонија во насока на отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, како и партнерската соработка на двете држави во рамките на НАТО, со желба за понатамошно развивање на соработката и продлабочување на партнерскиот однос помеѓу двете држави и министерства.