На денешната седница Владата го потврди заклучокот на КОВИД-19 штабот за дополнување на исклучоците од забраната за движење, со што странските државјани што имаат регулиран постојан престој во земјата и што влегуваат во земјата во период кога е активна забраната за движење, или кои излегле од земјата пред прогласувањето на ограничувањето на движењето, можат да се вратат во своите домови.

Индикативно е тоа што оваа измена на одлуката доаѓа по признанието на премиерот Зоран Заев дека откако му се јавил на телефон граѓанин со турска националност на кој не му го знаел ниту името ниту презимето ургирал во граничната служба да биде пропуштен откако во Македонија се воведе полициски час.

- Вистината е дека, да, лично јас се јавив на полициска службеничка, прекрасен глас, Виолета ниту ја знам, заради тоа што овие возила веќе беа влезени на територијата на Република Македонија и чекаа без право да мрднат, не им даваше никој заради тоа што влегле после 22 часот. Значи, нема дилеми полицијата и царината како и сите возила си проверуваат. Мене ми се обрати граѓанин, знам дека беше од турска националност, наш граѓанин, ниту знам името и презимето, ниту знам кој е, но знам дека имаше дечиња во автомобилот. Уште еднаш се консултирав вечерта, после полноќ беше тоа, јас сум достапен за сите граѓани. Јас се консултирав вечерта дали имаме таква мерка, зошто е тоа забрането – ми кажаа, се повикаа токму на таа мерка која секако Штабот уште еднаш ја реафирмира за да нема дилема дали тоа важело само на првиот ден, 10-ти кои се затекнале или мерката важи додека трае полицискиот час, објасни Заев попладнево на прес-конференција.