Во Албанија синоќа пристигна пратка со 9.360 дози анти-ковид вакцина од „Фајзер“ од договорените 200.000. Министерката за здравство Огерта Манастирлиу и министерот за обнова Арбен Ахмета ја дочекаа пратката и најавија скоро пристигнување и на нова количина на вакцини од околу 60.000 дози.

– Пристигнаа 9.360 дози, во рамки на нашиот договор со „Фајзер“. Ќе продолжиме со ревакцинација, така што со вторите дози ќе го заокружиме целиот прв дел од имунизацијата на медицинскиот персонал, за лица во старечките домови, како и за лица над 80 години, за да обезбедиме целосна заштита. Од друга страна, од април ќе продолжиме да ги добиваме дозите според договорот, и ќе продолжиме со вакцинирање на категоријата над 80 години, за да ја прошириме и на други возрасни групи, рече Манастирлиу.

Додаде дека досега во земјата пристигнале над 80.000 вакцини против ковид-19, а се вакцинирани 27.365, главно здравствени работници, како и лица постари од 80 години и просветни работници, за кои вакцинацијата во Тирана почна во саботата а вчера и на целата територија на земјата.