Амбасадата на Руската Федерација и Здружението на граѓани „ГЛАМ Македонија“ денеска напладне во Музејот на македонската борба организираат доделување награди за победници на едномесечниот уредувачки предизвик за членовите на викиклубовите на тема „Запознајте ја Русија”.
Како што информира Руската амбасада, во текот на февруари учесниците создаваа статии за Русија, нејзината историја, географија, култура, спорт и за други области.
-Иако вообичаените работилници беа изоставени, Википедија на македонски јазик беше збогатена со 625 нови или подобрени статии за Русија од страна на 20 млади уредувачи, кои ќе останат во иднина да може да ги прочита секој што знае македонски јазик, соопшти Амбасадата.
Наградите ќе ги доделат рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин и претседателката на Здружението „ГЛАМ Македонија“, Снежана Штрковска.