Потпретседателот на црногорската Влада Дритан Абазовиќ пред Комитетот за надворешни работи на Европарламентот изјави дека новата влада во Подгорица не е проруска и дека оние што отстапуваат „еден сантиметар“ од европската и евроатлантската агенда нема да бидат нивни партнери, јави РТЦГ. Тој рече и дека со актуелните луѓе во обвинителството, резултати во владеењето на правото не може да се постигнат.

– Многу луѓе не ја знаат новата влада и знам дека постои кампања дека новата влада е проруска и дека ја одржуваат луѓе кои не се за Европската унија. Сакам да ве убедам дека тоа не е точно, рече Абазовиќ пред европските пратеници.

Тој додаде дека не смета дека сите во Владата се стопроцентно посветени на евро-атлантизмот и ЕУ, но вели дека Владата е апсолутно посветена на тоа.

– Секој што сака да се оддалечи за сантиметар од тој пат нема да биде наш партнер во иднина. Имаме една цел, и еден клучен партнер – ЕУ , вели Абазовиќ.

Зборувајќи за законите за Обвинителството, тој рече дека не може да се постигнат резултати со луѓето кои сега управуваат со обвинителството. Абазовиќ вели дека Владата сака да ја следи агендата на ЕУ и дека не сака да стори ништо што е спротивно на волјата или стандардите на ЕУ, но дека треба да се најде заедничко решение.

– Ако сакаме решение, ако сакаме да имаме резултати, мора да ги смениме обвинителите. Имаме многу случаи со висока корупција кои стојат на маса и не ја знаеме вистината. Исто е и со убиства на новинари и напади врз медиуми или слични други случаи. Мислам дека мора да имаме најголем напредок во областа на владеење на правото, посочи Абазовиќ.

Тој побара од партнерите во ЕП да и укажат на евентуалните грешки на Владата и дека на новата власт и треба нова енергија во сите институции, за да постигне резултати, јави РТЦГ.

– Немаме реваншизам против никого во Црна Гора, но сакаме одговорност за секоја личност која работи на важна позиција. Не реков дека нема да се менуваат функционери и дека сите ќе останат на истите места. Немаше реваншизам, дали вкупно 50 или 100 луѓе беа сменети во целокупната државна администрација, а не пак службени лица. Зборував за луѓе на лидерски позиции. Оние кои навистина ја завршуваат работата правилно, треба да останат и да бидат наградени, но оние што не работат треба да бидат сменети, рече Абазовиќ.

Тој вели дека ниту еден човек не може да биде над интересите на државата.

Абазовиќ оцени дека за Црна Гора е „исклучително добро“ што е партнер во НАТО и смета дека оваа позиција треба подобро да се искористи.