Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, оцени дека во моментов односите со Србија се „малку воздржани“, но дека желбата на неговата влада, а смета дека тоа го сака и Владата на Србија, е „да се направат најдобри односи“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Веројатно во иднина тоа ќе го покажеме со практични примери, бидејќи не е доволно да се има само желба, туку е потребен и резултат. Ние ќе се потрудиме односите да бидат како што треба, заеднички преку комуникација да постигнеме најдобри решенија за сите, изјави Кривокапиќ во интервјуто на белградска ТВ Н1.

Запрашан како тоа да има ист став кон Мини Шенгенот, како и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој кажа дека Црна Гора не сака иницијатива што може да биде замена за евроинтеграциите, Кривокапиќ изјави дека Министерството за надворешни работи и Канцеларијата за европски интеграции добиле задача да се направи детална анализа.

-Веројатно во мај ќе имаме однос кон Мини Шенген. Јас ниту една одлука не донесов без јасна анализа. Кога сите анализи ќе покажуат дека тоа е најдоброто решение… Но, што се однесува до слободата на движење на луѓето и стоките, мислам дека тоа никогаш не било проблем. Одговорот ќе го добиете кога владата, врз основа на добри анализи, ќе предложи заклучоци кои потоа ќе бидат усвоени, а потоа ќе бидат обврзувачки за сите, изјави Кривокапиќ.

Црногорскиот премиер додаде дека „тоа е добар начин за управување, бидејќи досега живеевме во систем каде што едно лице нешто ќе каже и сите други го слушаат тоа“.