Синдикати, студентски здруженија, претежно левичарски ориентирани, лекари, но и правници и адвокати, попладнево одржаа мирен протест пред грчкиот Парламент во центарот на Атина, барајќи заштита на здравјето на граѓаните и зајакнување на здравствениот систем кој е под огромен притисок поради пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Повикот за денешниот протест го упати Федерацијата на здруженија на лекари од грчките државни болници кои, меѓудругото, бараат вклучување на приватните клиники во битката со Ковид-19, но и дополнителни вработувања и добија поддршка од други федерации, здруженија, организации и сл.
Посебен протест, со истите барања, одржа и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција.
Во Грција денеска повторно беше регистриран зголемен број новозаразени, вкупно 3.465, починаа 56 лица, додека пак приклучени на апарати, хоспитализирани се 630 пациенти, што е рекорден број во земјата.
Од почетокот на пандемијата заразени се 227.247 лица, а регистрирани се 7.252 смртни случаи од Ковид-19.