Грција сака отворени канали на комуникација и соработка со Турција, се одржаа 62-от круг од прелиминарните контакти и политичките консултации и каналите остануваат отворени, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, истакна дека доколку има соодветни услови на 14 април шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас ќе се сретне со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу.

Ако министерот за надворешни работи на Грција, следниот месец замине за Анкара, тоа ќе биде прва посета по пауза од неколку години.

Портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот брифинг со новинарите истакна дека во моментов се создадени соодветни услови за да се закаже средбата и изрази надеж дека оваа клима ќе трае до тогаш.

За евентуална средба меѓу грчкиот премиер и турскиот претседател, Папајоану коментираше дека е сѐ уште рано и се движат чекор по чекор.

Во однос на прелиминарните контакти меѓу двете земји во вторникот, портпаролот на грчкото МНР рече дека биле во добра клима, додека пак за вчерашните политички консултации на највисоко службено ниво објасни дека е позитивно тоа што одново се одржаа по пауза од 14 месеци.

На состанокот станало збор за билатералните прашања и контакти, но и за регионалните случувања на Блискиот Исток, на Балканот, како и за односите меѓу ЕУ и Турција.