На конкурсот за ангажирање надворешни соработници во Бирото за развој на образованието за изработка на наставни програми, согласно со наставниот план од новата Концепција за основно образиване, има пријави на заинтересирани за сите предмети кои се наведени во конкурсот, изјави за МИА директорот на БРО Зекерија Хасипи.

Конкурсот беше објавен овој месец, по усвојувањето на Концепцијата, и со него се бараа соработници од училишта и од високообразовни научни установи за наставни програми од прво до петто одделение за предметите: Македонски јазик, Албански јазик, Турски јазик, Српски јазик, Босански јазик, Математика, Англиски јазик, Природни науки, Општество, Музичко образование, Ликовно образование и Физичко и здравствено образование, како и за наставниот предмет Техничко образование и информатика за четврто и петто одделение.

Заврши конкурсот, кој беше отворен на 5 март и, според директорот Хасипи, добиле пријави за соработници за сите наведени предмети. Не прецизираше колкав е бројот на пријави, но дека комисија ќе ги разгледува документациите според критериумите утврдени во конкурсот за да се направи избор на најдобрите кои ќе бидат примени како соработници.

– Според Правилникот, мора да ангажираме професори и од високото образование и од наставничката фела односно практичари. Од комисијата ме известија дека за сите предмети има интерес. Тие што ќе бидат примени ќе ги известиме, ќе формираме работни групи заедно со наши советници од областите и ќе почне постапката за изработка на програмите, изјави Хасипи.

Избраните надворешни соработници ќе работат заедно со советници во БРО кои ќе бидат координатори. Според стариот Правилник на БРО, додаде Хасипи, во тимот за изработна на наставна програма по некој предмет можеше да има најмногу четири члена, но со новиот Правилник имаат можност да вклучат повеќе, во зависност од предметот и од бројот на часови со кој е застапен во наставата.

Планот на Министерството за образование и наука е Концепцијата за основно образование од септември годинава да се воведе во прво и четврто и потоа постепено, во шест години, да биде целосно имплементирана во деветолетката. Според Конкурсот, почнува изработка и на наставните програми за другите одделенија (од прво до петто) за да се обезбеди континуитет.