Одделението за лабораторија и теренски мерења (Центарaлна лабораторија) на Министерството за животна средина и просторно планирање официјално го доби сертификатот за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија, при што сертифицираше седум методи за тестирање, од кои шест се за квалитет на вода и една за бучава.

По тој повод министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нурeдини ја посети Центаралната лабораторија, при што, честитајќи им го успехот на вработените укажа на потребата од доследно почитување и примена на стандардот. При тоа, како што информираат од Министерството, со раководителот Африм Љатифи разговараа и за идните развојни планови на лабораторијата.

Како што информираше министерот Нуредини, со воведувањето на системот за квалитет според стандардот за акредитирана лабораторија и сертифицирање на седум методи од страна на Институтот за акредитација, лабораторијата доби признание за својата работа и сега останува да се прошири бројот на методи кои ќе бидат акредитирани во секоја наредна година. Во наредните фази е планирана и акредитација на методи за квалитет на воздух, а во Буџетот за 2021г. се обезбедени средства за набавка на инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, за што во најскоро време ќе се поведе постапката за набавка.

Министерот Нуредини, како што е наведено во соопштението, информираше дека е во тек проектната активност за набавка на инструмент кој користи нуклеарни технологии за анализа на составот на PM честичките (X-RayF). Инструментот е во вредност од 61.700,00 евра и е испорачан од депото на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) од Виена, и се очекува да пристигне наредниот месец.

Овој инструмент, како што стои во соопштението од Министерството, ќе се користи за анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, што овозможува утврдување на главните сектори на загадување (индустрија, транспорт, домаќинства итн.). Овие анализи ќе овозможат да се направи приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето.

Дополнително, во рамки на Регионалниот проект на IAEA – RER7011, Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП доби уште еден инструмент Multi-wavelength Absorption Black-Carbon Instrument (MABI), во вредност од 4.700,00 Евра, кој ќе се користи за анализа на Black carbon во фракции на PM10.