Три нови занимални се градат во рамки на детската градинка „Детелика“, клон на градинката „Росица“, со кои треба да се зголеми капацитетот за згрижување за нови 90 деца.
Занималните треба да бидат завршени до почетокот на ова лето. Две од занималните се градат со средства од Министерството за труд и социјална политика во висина од 11 милиони денари, а една со средства во висина од 3 милиони денари од општина Ѓорче Петров на чија територија се наоѓа градинката.
-Раниот детски развој дружењето, учењето преку игра, психосоцијалниот и когнитивниот развој на децата претставуваат предуслов за нивна подготовка за основното образование. Како МТСП продолжуваме во градење нови градинки и проширување на постоечките со цел до крајот на 2024 година да обезбедиме дополнителни места за уште 7.500 деца, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која изврши увид во градежните активности во градинката.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски напомена дека изградбата на овие три занимални треба да заврши за три месеци, по што треба да следи опремување на занималните.
-Со ова капацитетите ќе се прошират за нови 90 места, до јули жителите на овој дел од Ѓорче Петров од урбаната заедница Мирче Ацев ќе добијат место повеќе за своето дете, рече тој.
Нагласи дека интензивно се работи да се намали листата на чекање за сите пет објекти од градинката „Росица“. Напомена дека истовремено со средства од МТСП и Светска банка, Волково ќе ја добие најсовремената градинка во земјава со капацитет да згрижи 175 деца, како и оти веќе е изготвен проект за нова детска градинка која треба да се гради во Ново Село.