„Бугарија е пријателска земја, сојузник во НАТО и партнер. Ние внимателно ја следиме истрагата за обвинувањата за шпионажа во корист на Русија. САД силно го поддржуваат суверенитетот на Бугарија и стојат покрај Бугарите против овие злонамерни активности на нивна територија “. Тоа го наведе на Твитер портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.
Бугарското Обвинителството соопшти вчера дека се приведени сегашни и поранешни воени лица, како и жена со бугарско и руско државјанство кои биле дел од групата што шпионирала за Русија.
Групата доставувала доверливи информации од воена и високотехнолошка природа на вработен во руската Амбасада.
Министерот за одбрана Красимир Каракачанов појасни дека собирале информации за модернизација на армијата, а меѓу нив има и двајца вработени во министерството.
Руската амбасада вчера реагираше со соопштение на својата страница на Фејсбук, во кое се наведува дека има очигледни „непрекинати“ обиди да се вметне клин во руско-бугарскиот дијалог и уште еднаш да се демонизира руската страна.