Постои веројатност учебната година во текот на јуни да се продолжи за две седмици, рече министерката за образование на Грција Ники Керамеос во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, објаснувајќи дека „ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство на учениците“, јави дописничката на МИА од Атина.

Учебната година во Грција беше продолжена и лани, поради загубените часови, а не е исклучена можноста истата пракса да се следи и оваа година.

Поради карантинот, училиштата се затворени до 29 март, а министерката рече дека сè уште немаат препорака од надлежната комисија на епидемиолози кога учениците би можеле да се вратат во училишните клупи.

Керамеос објасни дека целта и приоритет е отворање на сите училиштата, меѓутоа акцентот се става на средните, со оглед на тоа дека тие беа поголем период затворени во споредба со основните.

За полагањето на државната матура рече дека материјалот е намален за 25 до 30 отсто.