Албанските обвинители побараа две години затвор за поранешниот главен обвинител на земјата, Адриатик Лала, кому му се суди за обвинение за нелегално стекнат имот.
Покрај тоа, Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАЦ) препорача Лала да не смее да извршува јавна функција во следните пет години
Лала, кој поднесе оставка од позицијата највисок албански обвинител во ноември 2017 година, беше обвинет за непријавување имот што наводно го купил незаконски за време на неговиот мандат и за прикривање на неговото постоење.
Во 2018 година, обвинителите го запленија станот на Лала во главниот град Тирана и нешто повеќе од два хектара земја што му припаѓаше, со вкупна вредност во тоа време повеќе од 98 милиони леки (околу 900.000 долари).
Истата година, на Лала му беше забранет влез во САД поради сомневање за вмешаност во корупција. Забрана за влез во САД има и за неговата сопруга и двете деца.
Во текот на следните две недели, Лала ќе ја понуди својата одбрана пред судијата да ја донесе пресудата.
На фукцијата главен обвинител Лала беше избран во декември 2012 од страна на албанскиот Парламент со 101 глас „за“, со претходно постигнат консензус меѓу политичките партии. До неговото заминување од функцијата во ноември 2017 година се сметаше за еден од највлијателните луѓе во Албанија, од кого многумина стравувале.