Доколку биде потребно да ја искористам последната уставна алатка што ја имам на располагање, онаа за мобилизација на лични услуги, нема да се двоумам да го сторам тоа, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за весникот „То Вима“, во однос на повикот упатен до приватните лекари да му помогнат на здравствениот систем, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство Василис Кикиљас во средата даде рок од 48 часа да се пријават барем 200 приватните лекари, а досега, според грчките медиуми, позитивно одговориле само 55 лекари, додека, пак, вчерашниот состанок на министерот со лекарската комора, според истите информации, завршил без договор.
Здравствениот систем во Грција е под огромен притисок, особено во областа Атика, поширокиот регион на Атина, каде што се речиси целосно исполнети ковид креветите на одделите за интензивна нега.
Кикиљас, кој во средата порача дека ако не се пријават доброволно приватните лекари, ќе следи мобилизација, синоќа посети атинска болница, што беше дежурна и истакна дека само завчера во Атика биле хоспитализиран 172 лица со Ковид-19.
– Не можам да замислам ниту еден мој колега доктор што ја положил Хипократовата заклетва да не сака да дојде и да им помогне на луѓето во оваа битка, истакна Кикиљас.