Во рамки на едицијата „Приказни што нè обединуваат“, излезе од печат книгата за деца „Славната инвазија на мечките на Сицилија“ од Дино Буцати. Книгата е во издание на ПУБЛИШЕР, а е збогатена со илистрации од самиот автор.

Како што соопштија од Издавачкиот центар ТРИ, ова е дело кое пркоси на класичниот раскажувачки израз.

Според ТРИ, во книгата Буцати го опишува апсурдот на војната, но и едноставниот живот во планината наспроти човечката хаотичност и алчност во градот. „Славната инвазија на мечките на Сицилија“ е бајка за вечната борба меѓу доброто и злото, приказна за вистинските вредности во животот.

-Еден ден двајца ловци го крадат малото мече Тонио во планините, каде што живеат мечките. Кралот Леонцио е скршен поради загубата на своето синче, но нема друг избор освен да ја прифати тажната реалност… Доаѓа студена и гладна зима, па свесни дека нема што да изгубат, мечките ќе одлучат да слезат во градот. Војувајќи со Надвојводата на Сицилија, низ многу битки и опасности, средби со крволочни чудовишта и духови, мечките на крајот ќе успеат да извојуваат победа и да го најдат изгубениот Тонио. Но и победата има цена, се наведува во соопштението на Издавачкиот центар.

Преводот е на проф. д-р Радица Никодиновска, а книгате е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Дино Буцати е италијански писател, новинар, драматург, либретист и сликар.

Тој во 1933 година го објавува својот прв роман Барнабо од планините, а по само две години и Тајната на старата шума. Потоа следуваат: Татарска пустина, збирката раскази Страв во скала, Токму во тој момент, Падот на Баливерна и други. Со збирката Шеесет раскази, во 1958 г., Буцати станува добитник на престижната награда Стрега. Неговите најубави раскази се објавени во збирката Продавница на тајни.