Владата на денешната редовна 57 седница ќе ја разгледа Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за водостопанство за 2021 година, ќе расправа по Предлог – одлуката за формирање совет за рамномерен регионален развој и ќе ги разгледа Информацијата за реализација на Проектот – Изградба на културно-образовен центар во Тетово со нов театар и библиотека, како и Информацијата за реализираните активности за времено згрижените лица и создадените можности за самостојно домување.
Како што соопшти владината прес-служба, на разгледување и усвојување се и Извештајот за работата на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор во 2020 година, како и Годишниот извештај за работата на Националниот координативен центар за гранично управување.
На предлог на Агенцијата за млади и спорт на седницата ќе бидат разгледани и Информацијата за локалните младински совети во единиците на локална самоуправа и Информацијата за воспоставување службеник за млади во органите на државна управа и општините.
Седница треба да почне во 12:00 часот преку видео конференциска врска, а за заклучоците и одлуките јавноста ќе биде информирана преку соопштение.