Под драконски безбедносни мерки, под здравствени протоколи, без публика, со ограничен број претставници на медиумите, со високи гости, утре, во Атина ќе се одржи воената парада по повод 200 години од востанието за независност на Грција, а на плоштадот Синтагма веќе неколку денови интензивно се работи на подготовките, јави дописничката на МИА од Атина.

Симболично, на централниот атински плоштад, општината постави 200 грчки знамиња, а со мали саксии со цвеќиња формирано е грчкото знаме, додека пак пред грчкиот Парламент се мести специјалната ложа за претставниците на државниот врв и гостите.

За безбедноста во Атина пред и за време на парадата ангажирани ќе бидат околу 4.000 полицајци, центарот ќе биде целосно затворен и за сообраќај и за граѓани, на објектите околу Парламентот, според грчките медиуми, ќе бидат поставени снајперисти.

Грчката полиција соопшти дека за утре, биле закажани седум протести во Атина, но сите се забранети.

Поради рестриктивните мерки, традиционалната воена парада ќе ја следат само мал број претставници на медиумите, за кои потребна е специјална акредитација, присуството на новинарите беше одредено со ждрепка, а меѓу избраните новинари е и дописничката на МИА од Атина.

На свеченостите по повод јубилејот ќе присуствуваат претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли.

Воената парада ќе започне во 10 часот по локално време, а претходно гостите ќе положат венец на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.