Партиите и коалициите во Бугарија за 20 дена потрошија рекордна сума на средства за медиумско претставување – 3.518.725 лева (1.800.000 евра) без ДДВ. Ова е вкупната вредност на договорите склучени од 24 март меѓу политичките субјекти и медиумите за овие парламентарни избори, што се предмет на мониторинг на Институтот за развој на јавната животна средина во Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.

Податоците се од официјалните страници на 40 национални и регионални медиуми – 10 телевизии, три радио станици, 13 весници и 14 информативни портали и агенции во Бугарија.

Сумата издвоена од учесниците во оваа кампања за медиумско покривање во првите 20 дена е значително поголема од набљудуваните кампањи за парламентарните избори во 2017 година. За истиот период, тогаш учесниците потрошија 2.429.846 лева ( 1.242.360 евра ) без ДДВ.

Коалицијата меѓу „Волја“ и НФСБ на Веселин Марешки и Валери Симеонов вложила најмногу пари во оваа кампања, со издвоени 1.115.148 лева (560.000 евра) за медиумите. Оваа коалиција продолжува да ги насочува своите средства главно кон најголемите телевизии во Бугарија – Нова ТВ, БТВ и БНТ. Оваа коалиција поставува своевиден рекорд.

Останаа 10 дена до изборите, закажани за 4 април, на кои ќе се зголемат средствата за медиумите.

Втора според трошоците за медиумска кампања е владеачката коалиција ГЕРБ-УДФ со 503.392 лева ( 251.150 евра ). Трета партија според трошоците е ВМРО со 492.001 лева (249.000 евра), а главниот дел од нивните средства е насочен кон телевизиско емитување. На четвртото место е партијата на Цветан Цветанов – „Републиканците за Бугарија“, поранешниот заменик на Бојко Борисов во партијата ГЕРБ, која досега потрошила 409.996 лева ( 205.000 евра).

Од договорите потпишани со медиумите, коалицијата на втората по големина парламентарна група – опозициската Бугарска социјалистичка партија, спроведува поскромна медиумска кампања. Досега таа инвестираше само 202.660 лева ( 101.330 евра). БСП најмногу вложува во БНТ и нејзината партиска телевизија БСТВ.

Заклучно со 24 март, трите водечки телевизии во Бугарија привлекоа најмногу средства – Нова ТВ – 677.116 лева ( 335.508 евра), БТВ – 609.853 лева ( 305.400 евра) и Бугарската национална телевизија (БНТ) – 467.443 лева (236.221 евро). Приватната телевизија Еуроком е рангирана на четвртото место според привлечените средства – 437.611 лева ( 219.306 евра).