Четири нови папки со докази се доставени од бугарското Воено обвинителство до Апелацискиот воен суд во Софија во истрагата против групата од шест притворени лица за шпионажа во корист на Русија.

Две од папките содржат класифициран материјал пронајден при претреси на уапсените, а другите две се изјави на уапсените при сослушанањата, јави бугарската национална телевизија.

Дописникот на МИА од Софија јавува дека од новите материјали станува јасно дека во притворот приведените лица се договориле кој какво објаснување да даде за да се изманипулира истрагата и да се објаснат тајните документи што се најдени кај нив.

„Резидентот“ и посочен како лидер на оваа група, поранешниот шеф на бугарското воено разузнавање, Иван Илиев, и неговата сопруга Галина се запознале во ГРУ (Главната управа за разузнавање на Руската армија) кога тој таму бил на обука во 70-тите години од минатиот век. Галина Илиева (66) била обучувана од советските разузнавачки служби. Сестрата на Галина Илиева била лична секретарка на Рем Вјахирев, поранешен директор на руската енергетска компанија „Гаспром“.

Од новите докази станува јасно дека шефот на тајната канцеларија во Националното собрание, Љубомир Медаров, редовно копирал извештаи од бугарските специјални служби, кои се предвидени само за претседателот, премиерот и претседателот на парламентот на Бугарија.