По речиси три часа заседавање, Бугарскиот воен апелационен суд му го продолжи притворот на обвинетиот за шпионажа полковник Петар Петров, заменик-шеф на дирекцијата за буџет при Министерството за одбрана, јави дописникот на МИА од Софија.

Пред една недела во Бугарија шест лица беа уапсени за шпионирање во корист на Русија. Еден од го призна делото и беше ослободен со кауција. За останатите петмина Воениот суд во Софија одреди притвор, и сега некои од нив сакаат да ја променат мерката во некоја полесна. Во врска со случајот се доставени четири тома нови докази.

Адвокатот на Петров за медиумите изјави дека Русија не била спомената во досега собраните материјали во случајот во врска со неговиот клиент. Според него, не е јасен предметот на кривичното дело во овој случај, односно не е јасно дали информациите што наводно ги собрал полковникот Петров се државна тајна, како што се тврди.

Обвинителот Стојан Лазаров рече дека новите докази ги надополнуваат податоците за шпионските активности извршени од обвинетите. Тој додаде дека полковникот Петров не дал никакви објаснувања. По полковникот Петров, во судницата беше донесен Љубомир Медаров, кој раководеше со одделот за класифицирани информации во бугарскиот парламент.

Денеска, судот во Софија треба да разгледа уште четири барања за измена на мерката за другите обвинети.