Националниот план за закрепнување, доколку се спроведе, онака како што грчката Влада го планира ќе донесе отворање на 200.000 работни места, можност за зголемување за седум единици на БДП во период од шест години, како и речиси 160 активности поврзани со проекти, инвестиции, реформи и сл, според она што премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис го соопшти на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека станува збор за „гигантска програма што има потенцијал да мобилизира речиси 60 милијарди евра“, од кои 32 милијарди евра се обезбедени ресурси од Фондот за закрепнување, 19 милијарди грантови, а остатокот се заеми.

-Има четири главни столба: дигитална транзиција на државата и бизнисите, зголемување на вработеноста, зајакнување на здравството, образованието, социјалната кохезија, зелената економија и зголемување на инвестициите, рече Мицотакис.

Додаде дека „централно јадро на планот е создавање постојани и квалитетни работни места преку многу важни јавни и приватни инвестиции“.

Потсети дека нацрт планот беше доставен во ноември, истакна дека Грција ќе биде меѓу првите европски земји што кончениот план ќе до достави до надлежните органи пред крајниот рок, што е на крајот од април.

Претходно, Националниот план за закрепнување потребно е да добие зелено светло на владина седница, но и од грчкиот Парламент, а потоа да се достави до Брисел, додека пак целта, според Мицотакис, е првите исплати да бидат пред крајот на летото.