Пратениците на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) ќе присуствуваат на собраниската седница на која ќе се гласа за нов претседател на државата, со што ќе ѝ овозможат на кандидатката на владејачкото движење Самоопределување (ВВ), Вјоса Османи, да биде избрана на функцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Новиот лидер на доскоро владејачкиот, а сега опозициски ЛДК, Љумир Абдиџику, по средбата со пратениците на неговата партија изјави дека одлуката за учество на седницата за избор на Османи ја донесе новото партиско претседателство и дека очекува истата да ја почитуваат и народните избраници од таа партија.

Обраќајќи им се на новинарите по средбата во седиштето на ЛДК, Абдиџику рече дека таа партија е во политиката „за да понуди решение“.

– Имавме два избори: да не учествуваме на седницата или да бидеме дел од случувањата. Го одбравме второто, затоа што ЛДК секогаш го следел тој пат. Разговаравме за аполитичката позиција на госпоѓа Османи како претседателка и овие разговори им ги пренесов на партиските органи. По расправата што се отвори, сите одлучивме дека ЛДК нема да врши опструкции. Ова им го соопштив на пратениците и очекувам дека ниеден од нив нема да се спротивстави на новиот курс на ЛДК. Очекувам секој да се однесува како институционалист, изјави Абдиџику.

ЛДК, која е најстара и една од најголемите партии во Косово, на вонредните парламентарни избори го оствари најслабиот резултат во историјата на косовскиот плурализам, освојувајќи 15 места во 120-членото републичко Собрание. Веднаш по изборите, дотогашниот партиски лидер Иса Мустафа поднесе оставка, а за нов претседател на партијата на 20 март е избран Абдиџику.

Движењето Самоопределување на новиот косовски премиер Албин Курти, кое освои над 50 отсто од гласовите на парламентарните избори, за нова претседателка на државата ја кандидира Вјоса Османи, која до констиуирањето на новото Собрание, на 22 овој месец, беше вршител на должноста на таа функција. Нов вршител на должноста претседател на државата стана Глаук Коњуфца, откако истиот ден беше избран за спикер на Собранието.

Според актуелниот однос на силите во Собранието, што се виде при гласањето за кабинетот на Курти, новата власт моментно може да смета на 66 гласа во 120-члениот законодавен дом – 58 на ВВ и осум на помалите етнички заедници.

За да биде избрана за претседател, според Уставот, на Османи и се потребни 80 гласа, од кои 61 „за“. Тоа значи дека, како што сега стојат работите, на седницата, покрај пратениците на партиите од власта, ќе треба да бидат присутни барем 14 пратеници на ЛДК.

Доколку ниеден кандидат во трите кругови на гласање не ги добие потребните гласови, Собранието се распушта и се распишуваат нови избори.