Европската комисија предложи шест земји членки на Унијата да добијат нова финансиска помош во вид на заем што достигнува до вкупно 3,7 милијарди евра, преку програмата за привремена поддршка за ублажување на ризиците од невработеност во итни случаи (SURE), од кои 2,5 милијарди евра се наменети за Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас рече дека предлогот доаѓа по помалку од два месеци по доставеното барање од грчката Влада до Европската комисија за распределување на дополнителни средства од програмата SURE.
Претходно Грција доби 2,7 милијарди евра и на располагање веќе има 5,2 милијарди за поддршка на вработените.
Стајкурас рече дека станува збор за заем, со исклучително ниски трошоци, а средствата ги покриваат мерките на Владата „за поддршка на вработените и работодавците, кои се спроведуваат од почетокот на здравствената криза, со цел да се задржат работните места“.
-Владата работи и ќе продолжи да работи за економска ефикасност и социјален реципроцитет, користејќи ги најдобар можен начин домашните и европските ресурси, за влијанието на здравствената криза врз домаќинствата и бизнисите да е што е можно помало, а општеството и економијата да закрепнат што е можно поскоро, рече Стајкурас.