Во штипскиот Ковид центар нема слободни болнички кревети. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека исполнети се сите капацитети на Инфективно, Кожно, Анестезиологија и Кардиологија.
Загрижува што 80 отсто од пациентите се на постојана кислородна поддршка и се во тешка здравствена состојба. Во овој ковид центар само на десет пациенти не им е потребна кислородна поддршка. Битката со вирусот во овој центар ја загуби 73-годишен жител на радовишкото село Дедино.
Ѓеорѓијев очекува наредните два дена во функција да се стави и модуларната болница, со што пациентите, но и здравствените работници ќе имаат подобри услови, од аспект што во овој објект има централен довод за кислород. Додека на Инфективното и Кожно одделение поддршка со кислород е со големите боци, кои мора и рачно да се качуваат на погорните катови на одделенијата.