Тековните податоци за ширењето на коронавирусот во Бугарија покажуваат рекорден број на нови случаи во последните 24 часа. Новоинфицираните се 5176 со извршени над 20 000 тестови. Позитивни примероци се над 25% од испитаните.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, 748 лица остануваат на лекување во единиците за интензивна нега. Оздравени повеќе од 3.200, додека 155 починаа во последните 24 часа, вчера нивниот број беше 203. Рекордниот број на заразени во последните 24 часа е помал од реалното ниво на инфекција во Бугарија, според некои здравствени експерти.
Пред НОВА ТВ, д-р Аспарух Илиев рече „без да сакам да ги исплашам гледачите – она што го гледаме во моментот во Бугарија, и загрижувачки е – што оваа бројка веројатно не одговара на реалниот број на пациенти“. Тој ја спореди 14-дневната слика на вирусот во Бугарија со ширењето во Западна Европа.
„Таму фреквенцијата е во опсег од 70 до 100 луѓе на 100 илјади пациенти. Во Бугарија, особено во регионот на Софија, имаме околу 1.000 луѓе на 100.000 на ден, што е огромна бројка. Во реалноста, во моментов бугарскиот здравствен систем е преоптоварен“, коментира Илиев.
Експертот се изјасни против олеснување на мерките на 1 април и повторно отворање на некои деловни активности во Бугарија.